Додик: Не се откажувам од политиката, ќе продолжам да се борам за народот
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека нема намера да се повлече од политиката, нагласувајќи дека ќе продолжи да се бори за интересите на народот на Република Српска.
„Не се откажувам од политичкиот ангажман, ќе продолжам да се борам за овој народ на најдобар начин. Јас му овозможив на претседателот на Република Српска да се појави во Кремљ, во Унгарија, па дури и да зборува за соработка со Србија. Имаме контакти со важни европски лидери“, изјави Додик во утринската програма на РТРС.
Тој ги негираше шпекулациите за несогласувања со српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, нагласувајќи дека „таа и нејзината работа претставуваат сериозен ресурс што го има Република Српска“.
Додик порача дека Република Српска совршено добро знае што прави и дека ќе работи на рехабилитација на односите со САД и новата американска администрација.
„Мојата намера е нашата структура да победи на сите избори“, додаде Додик.
Тој откри дека денеска патува во Белорусија, каде што ќе одржи повеќе средби:
„Веќе утре таму ме очекуваат важни состаноци со важни луѓе. Нашата активност продолжува — имам многу повеќе енергија отколку што имав“, рече Додик.