ДИК разреши два избирачки одбори во Шуто Оризари по поништување на резултатите од Управниот суд

9

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука за разрешување на два избирачки одбори од избирачките места 2962 и 2966 во Шуто Оризари, откако Управниот суд ги поништи резултатите од гласањето по тужба поднесена од движењето „Одлучно за промени“.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека случајот ќе биде проследен и до Обвинителството, кое треба да го смета ова како информација по допрен глас против членовите на избирачките одбори.

„Обвинителството може слободно да го смета ова како информација по допрен глас и без посебно известување да се заинтересира. Ние ќе ја доставиме целокупната документација, а доколку има основи, нека се утврди дали пропустите се направени случајно или намерно, од кого и кога“, изјави Кондарко.

Тој нагласи дека ДИК со оваа одлука испраќа јасна порака дека нема да толерира никакво незаконско постапување на избирачките одбори.

Од Комисијата истакнаа дека, покрај разрешувањето, по утврдување на фактичката состојба ќе бидат известени и работодавачите на членовите, бидејќи тие се јавни службеници во јавниот сектор.

Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, предупреди дека манипулацијата со изборната документација претставува кривично дело.

„За овие избирачки места е доставен записник број 16 во оригинал, кој има третман на доверлив материјал и својство на јавна исправа. Доколку некој внел податоци што не соодветствуваат на реалната состојба, тоа претставува кривично дело“, рече Ристов.

Нови членови на избирачките одбори во двете избирачки места ќе бидат назначени на утрешната седница на ДИК, откако ќе пристигнат сите одлуки од Управниот суд. Тие ќе бидат избрани од други општински одбори каде гласањето е веќе завршено.

Од Комисијата најавија дека утре ќе бидат објавени конечните резултати и ќе биде познато каде ќе се одржи втор круг на гласање и каде изборите се завршени во прв круг.

Makedonski