Обвинение за убиство од користољубие во Кавадарци — брат го лишил од живот својот помлад брат
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен акт против 43-годишен маж поради кривично дело „убиство“ од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, извршено од користољубие.
Според обвинението, на 27 јули годинава, обвинетиот го убил својот помлад брат по претходна расправија околу поделбата на семејниот имот. На роденденската прослава на жртвата, расправијата прераснала во насилство, при што обвинетиот, во афект на гнев и омраза, со тап метален дел од тесла му нанел удар во пределот на главата. Кога жртвата паднала, тој уште двапати го удрил со истата алатка, нанесувајќи му смртоносни повреди.
По убиството, осомничениот го напуштил местото на настанот, а следниот ден се вратил во домот на жртвата и се обидел да ги прикрие трагите на злосторството. Телото најпрво го преместил во бањата, а потоа во шупата, каде што го закопал во плиток ров и врз него поставил шперплоча и други предмети. Во наредните денови, тој неколкупати се враќал на местото за да ја исчисти крвта и да ги сокрие доказите.
Истрагата утврдила дека во периодот од 30 јули до 5 август, додека телото сè уште не било пронајдено, обвинетиот повлекувал пари од банкомат со картичката на убиениот брат.
Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител побара продолжување на мерката притвор за обвинетиот, поради тежината на делото и опасноста од бегство или влијание врз сведоци.