„Лукоил“ почнува да ги продава своите имоти и средства во странство поради санкциите од САД

8

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека започнува со продажба на своите меѓународни средства, откако минатата недела САД воведоа санкции кон најголемите руски компании – „Лукоил“ и „Роснефт“.

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница, компанијата наведува дека „поради воведувањето рестриктивни мерки од некои земји, се разгледуваат понуди од потенцијални купувачи“.

„Продажбата на средствата се спроведува според лиценцата од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), а доколку биде потребно, компанијата ќе побара продолжување на лиценцата за непречено работење“, стои во објавата на „Лукоил“.

Американското Министерство за финансии објасни дека санкциите се воведени поради тоа што „Русија не покажува сериозна посветеност кон мировниот процес во Украина“.

„Лукоил Македонија“ не се наоѓа на листата на санкционирани подружници, ниту пак некоја компанија на „Лукоил“ во регионот. Претпријатието продолжува да работи нормално, со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтен склад, како дел од балканската меѓурегионална група.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека евентуалната продажба на меѓународните средства би можела да отвори прашања околу иднината на локалните подружници и безбедноста на работните места.

Македонските власти уверуваат дека нема да има проблеми со снабдувањето со гориво, бидејќи најголемиот дел од нафтените деривати во земјава доаѓаат од Грција.

Во соседна Бугарија, каде „Лукоил“ поседува рафинерија во Бургас и мрежа од 200 бензински пумпи, централната банка најави анализа на можните последици за банкарскиот и енергетскиот систем поради американските санкции.

Makedonski