Приведен директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми

9

Единицата за економски криминал при СВР Скопје денес го приведе директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и одзеде дополнителна документација поврзана со постапувањето на претпријатието.

Според првичните информации, лишени од слобода се две лица, а по комплетирање на материјалите се очекува поднесување кривична пријава до обвинителството.

Приведувањето следи по повеќемесечни контроверзии околу управувањето со јавната чистота во главниот град и институционалните реакции на надлежните служби.

Рустеми е на функцијата директор на „Комунална хигиена“ од 29 јануари 2025 година. Претходно ја извршуваше функцијата директор на ЈП „Сарај“ (2017–2021), а подоцна беше помошник-директор на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје (2023–2024).

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) потврдија дека се приведени и задржани две лица од раководството на претпријатието, во врска со сомневања за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 од Кривичниот законик.

„По наредба на Основното јавно обвинителство – Скопје, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази. Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, во врска со сомненија за загрозување на животната средина и природата со отпад“, соопштија од Обвинителството.

Медиумите попладнево објавија дека меѓу приведените е директорот Сабахудин Рустеми, но полицијата и обвинителството сè уште официјално не ја потврдуваат оваа информација.

Истрагата за работата на ЈП „Комунална хигиена“ започна по серијата проблеми со собирањето на отпадот во Скопје, што доведе и до воведување мерки од страна на здравствените власти.

Градските служби уверуваат дека комуналните активности продолжуваат без прекин додека трае постапката.

Makedonski