Почина Коста Јаневски — коосновач на радио „Антена 5“ и истакнат филмски работник
На 65-годишна возраст, по кратко боледување, почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од основачите и сопствениците на радио „Антена 5“.
Јаневски беше дел од тимот што ја создаде станицата во нејзините почетоци, активно учествувајќи во техничкиот развој и креирањето на програмата. Од 1994 година ја извршуваше функцијата технички директор, а неговата професионална посветеност беше препознатлива во сите големи музички и културни проекти што ги реализираше „Антена 5“.
Под негово техничко и програмско водство се остварија бројни домашни и меѓународни преноси и настани, меѓу кои: Британските музички награди, MTV Европските музички награди (EMA), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Д Фестивал во Дојран.
Пред да стане дел од „Антена 5“, Јаневски соработуваше со Радио УНО во рамки на програмата „Радио Микс“ и проектот „Радио Топ Листа на Македонија“.
Дипломец на Електротехничкиот факултет, својата филмска кариера ја започна во осумдесеттите години како монтажер на тон и тонски снимател. Работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а потоа и во „Вардар филм“, каде учествуваше во бројни играни, документарни и копродукциски филмски проекти, меѓу кои „Македонска сага“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“ и други.
Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и на Здружението на тонски сниматели на Македонија, каде остави значаен професионален и човечки белег.
Погребот ќе се одржи во вторник, во 11:30 часот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.