Милеи со убедлива победа на среднорочните избори — Трамп ја потврди поддршката за аргентинскиот претседател
Либертаријанскиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, забележа убедливи победи во клучните области на среднорочните избори, обезбедувајќи клучно гласање за доверба што ја зајакнува неговата позиција и можноста да го спроведе радикалниот економски експеримент за слободен пазар — поткрепен со милијарди долари поддршка од администрацијата на Доналд Трамп.
Изборите се сметаат за референдум за првите две години од мандатот на Милеи. Неговата партија „Ла Либертад Аванза“ освоила над 40% од гласовите, наспроти 31% за левоориентираното опозициско движење Перонизам, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите.
Според првичните резултати, партијата на Милеи и нејзините сојузници освоиле 14 места во Сенатот и 64 во Долниот дом, со што владата добива доволна поддршка во Конгресот за одбрана на претседателските вета и блокирање на можни иницијативи за импичмент.
Во изборниот штаб во Буенос Аирес, насмеаниот Милеи оцени дека резултатите се „мандат за продолжување на реформите“ и најави дека ќе ја интензивира фискалната дисциплина и промените во даночниот и трудовиот систем.
„Аргентинскиот народ реши да остави зад себе 100 години декаденција. Денес започнуваме со изградбата на голема Аргентина“, изјави Милеи пред поддржувачите.
Резултатите од изборите предизвикаа голем интерес во САД, каде што администрацијата на Трамп го услови финансискиот пакет за Аргентина со успех на Милеи.
Според американски медиуми, Трамп го поврзал договорот за валутна размена од 20 милијарди долари со Централната банка на Аргентина и дополнителниот заем од 20 милијарди долари од приватни банки со добри резултати на Милеи.
„Ако победи — остануваме со него. Ако не, си одиме“, изјави Трамп по средбата со Милеи во Белата куќа.
По предупредувачките пораки од Вашингтон и по поразот на неговите кандидати на покраинските избори минатиот месец, Милеи потроши милијарди долари од девизните резерви за стабилизација на песото. Подоцна Министерството за финансии на САД интервенираше со продажба на долари и нова кредитна линија за поддршка на аргентинската економија.
Перонистичката коалиција претрпе тежок пораз, потврдувајќи ја нејзината ослабеност и внатрешна поделба.
„За странските инвеститори, ова е олеснување — покажува дека програмата на Милеи може да биде одржлива,“ изјави Марсело Гарсија од „Horizon Engage“.
Експертите сметаат дека резултатот му дава јасна политичка предност на Милеи, кој веќе се позиционира како веројатен кандидат за реизбор во 2027 година.
Од авионот кон Јапонија, Трамп на платформата Truth Social напиша дека Милеи „работи одлично“ и дека „довербата во него беше оправдана од народот на Аргентина“.
Милеи му возврати нарекувајќи го „голем пријател на Аргентина“ и заблагодарувајќи му се за „довербата и поддршката“.