Постигнат напредок во трговските разговори меѓу САД и Кина: Пекинг го одложува новиот режим за ретки метали

6

Кина ќе го одложи спроведувањето на проширениот режим за лиценцирање на извозот на ретки земји за една година и ќе продолжи со набавката на значителни количини американска соја, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесант по дводневните трговски разговори со кинеската делегација во Куала Лумпур.

Бесант истакна дека постигнатиот прелиминарен договор претставува чекор кон решавање на трговскиот спор меѓу двете земји, и најави дека претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг ќе го објават новиот трговски договор на средбата во Јужна Кореја во четврток.

Разговорите во Малезија биле насочени кон неколку клучни прашања, меѓу кои кинеската контрола на извозот на ретки минерали и метали, како и американските царини за кинеските производи.

Иако договорот сè уште треба да биде формално одобрен од двете страни, тој се гледа како значаен чекор кон стабилизирање на трговските односи. Сепак, останува неизвесно дали Трамп и Си ќе објават конечно решение пред 1 ноември, кога треба да стапат во сила новите американски тарифи.

Makedonski