Филипче: СДСМ се консолидира, следуваат кадровски и политички промени по изборите
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, изјави дека резултатите од локалните избори покажуваат знаци на опоравување на партијата, но и потреба од „длабоки промени“ во начинот на работа и раководството.
„Ја презедов партијата по тежок пораз од 300.000 гласови. Во изминатата година и пол интензивно работев на терен со илјадници членови, а сега резултатите покажуваат дека трудот дава ефект“, изјави Филипче.
Тој истакна дека СДСМ веќе освои неколку општини, а во 16–17 општини партијата влегува во втор круг, со значителен пораст на поддршката во однос на претходните избори.
„Во дел од општините гласовите се зголемени за 40–50%, а некаде се дури и дуплирани. Тоа е резултат на директната работа на терен“, рече Филипче, додавајќи дека најслаби резултати се забележани во скопските општини.
Претседателот на СДСМ најави дека по завршувањето на изборниот процес ќе следуваат политички и кадровски промени во раководството.
„После изборите ќе следуваат промени – и политички и кадровски. За тоа ќе бидете навремено известени“, нагласи тој.
Во однос на етичкото гласање и можната поддршка за кандидати од други партии, Филипче посочи дека одлуката ќе се темели на внатрешна анализа и локални услови, а не на етничка припадност.
„Мултиетничкиот карактер и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет. Ќе донесеме заклучок најдоцна до среда, заснован на мислењето на општинските организации и расположението на членството“, истакна Филипче.
Тој потврди дека разговори се водат со повеќе политички субјекти, меѓу кои ДУИ и Левица, не само за Кичево и Брвеница, туку и за Скопје, Карпош и Куманово.
„Не се водиме по етнички принципи – разговараме со сите политички чинители. Нашиот став ќе биде јасен и усогласен со вредностите што ги застапува СДСМ“, заклучи Филипче.