ВМРО–Народна партија: Владата да престане со понижувањата на македонскиот народ

866

ВМРО–Народна партија изрази загриженост поради, како што наведува, „помпезното одбележување на Битката кај Зебрњак“, прослава која, според партијата, ја надминала по обем и значење државната свеченост за Денот на македонската револуционерна борба.

Во соопштението на партијата уште се вели:

„ВМРО-Народна партија искажува голема загриженост што оваа година прославата на „Битката на Зебрњак“ после која е окупирана Македонија и со која започнува 23 годишната српска окупација на нашата земја беше одбележана на многу помпезен начин и со поголема манифестација отколку Денот на македонската револуционерна борба.

Исто така загрижени сме што бројот на настани со кои се одбележува српската окупација на Македонија ги надмина и државните празници во земјата.

Само да потсетиме, секоја година со големи манифестации се прославуваат битките кај Кајмакчалан, Брегалница, Зебрњак, Удово, битката кај Рамне, „денот на победата“ во Битола, и сето тоа со македонски државни пари од македонскиот буџет со кои се слави окупациона војска на територијата на Македонија.

Но посебно сме загрижени што на тие прослави Македонија е претворена во поле на омраза, така што пред два дена чувме омраза, реваншизам и шовинизам против турците, бугарите, албанците и муслиманите, а да не зборуваме за тоа што редовно Македонија се нарекува „стара и јужна Србија“, а македонците „срби кои биле ослободени“.

Овие навреди кон македонскиот народ овој пат беа надоградени и со нов идентитет и наратив обраќајќи се со „браќа северномакедонци“.

ВМРО-Народна партија ја повикува Владата на ВМРО-ДПМНЕ да престане со ова понизно виткање на кичмата и со ова понижување на македонскиот народ.“

Makedonski