Нов зимски распоред на летови: 10 нови дестинации од македонските аеродроми
Викендов стапува во сила зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/26 година. Од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се лета кон 49 редовни дестинации, кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и кон 13 чартер линии со една авиокомпанија. Од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе има летови кон пет дестинации, со три авиокомпании, информираат од ТАВ Македонија, концесионерот на македонските аеродроми.
Во зимската сезона, која ќе трае до крајот на март 2026 година, двете леталишта ќе добијат 10 нови дестинации, од кои девет ќе ги опслужува „Wizz Air“ со владини субвенции.
- Од Скопје ќе започнат летовите до Бари и Стокхолм на 27 октомври, а истиот ден ќе почне и линијата Охрид – Базел.
- На 28 октомври, главниот град ќе воспостави нова линија до Мадрид, една од најбараните дестинации меѓу македонските патници, а повторно ќе се воспостави и летот кон Ларнака.
- Од 15 декември, ќе стартува и првата директна линија Скопје – Прага, а ќе се врати и линијата кон Келн.
Од 30 март 2026 година, во редовниот распоред се додаваат уште три линии:
Скопје – Будимпешта (враќање на поранешна линија),- Скопје – Неапол (нова туристичка дестинација во Италија),
- Охрид – Милано (нова врска со северна Италија).
Десеттата нова дестинација е линијата Скопје – Женева, која авиокомпанијата EasyJet ќе ја врати на 3 ноември.
Според Агенцијата за цивилно воздухопловство, во зимската сезона од 26 октомври до 28 март, од Скопје ќе се лета кон градови како Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Париз, Лондон, Мадрид, Милано, Цирих, Истанбул, Малта, Лион и други.
Од Охрид, пак, ќе се одржуваат редовни летови до Цирих, Базел, Дортмунд, Виена и Меминген.
Од ТАВ Македонија најавуваат дека во тек се преговори за воспоставување директни линии со Данска, Финска и земјите од Блискиот Исток, а во иднина фокусот ќе биде насочен и кон подобра поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство.