Министерството за животна средина: Нема истекување на линдан во ОХИС, но експертите предупредуваат на долготрајна опасност
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека на локацијата на поранешниот индустриски комплекс ОХИС нема истекување на линдан, по вонредниот инспекциски надзор спроведен вечерта на 22 октомври. Според министерството, не се утврдени пропусти во безбедноста ниту траги од потенцијално истекување на опасната хемикалија.
Сепак, експертите предупредуваат дека и натаму постои голема, несанирана депонија со линдан во кругот на фабриката, од која канцерогената материја може да се расејува при секој дожд или посилен ветер.
Од МЖСПП велат дека процесот на ремедијација на таканаречениот „мал линдански лот“ е во завршна фаза, а веќе се разгледуваат и „одржливи решенија“ за големата депонија во дворот на ОХИС, каде што се проценува дека има повеќе од 50.000 тони контаминирана почва и линдан. Слична депонија со околу 40.000 тони отпад се наоѓа и во месноста Пеленица во Драчево.
Според податоците на МЖСПП и проектниот тим, од септември 2021 до денес се уништени 1.932 тони високо концентриран HCH-отпад и 586 тони контаминирана почва, додека во малата депонија сè уште има над 600 тони линдан и повеќе од 2.600 тони загадена земја.
Во јулските анализи на холандската компанија TAU беше утврдено дека количината на линдан во малата депонија е за 51% поголема од првичните проценки, а завршувањето на чистењето би чинело меѓу 10,5 и 20 милиони евра, зависно од методологијата на третман.
Во август, пукната водоводна цевка во близина на фабриката предизвика појава на езеро во дворот, што предизвика загриженост за евентуално навлегување вода во зоната на ископување. Откако јавноста реагираше, ЈП „Водовод и канализација“ и Државниот инспекторат за животна средина го санираа дефектот, по што беше утврдено дека нема опасност за базените со линдан.
Линданот и неговите изомери се класифицирани како канцерогени од групата 1 според Меѓународната агенција за истражување на рак, со докажана поврзаност со не-Хочкин лимфом.
Професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ предупредува дека линидан е пронајден дури и во водите на реката Вардар пред Велес, што укажува дека контаминацијата не е ограничена само на почвата, туку и на воздухот и водата.
Линданот е перзистентна и испарлива хемикалија која се задржува долго време во животната средина и лесно се шири преку ПМ-честичките во воздухот. Изложеноста може да се појави преку вдишување, консумирање контаминирана храна или контакт со загадена почва, а хроничната изложеност е поврзана со заболувања на црниот дроб, крвта, нервниот и имунолошкиот систем.
Македонија е потписничка на Стокхолмската конвенција, со која линданот во 2009 година беше класифициран како супстанца од групата А – хемикалија што мора целосно да се елиминира и да престане да се произведува. Земјава ја потпиша конвенцијата во 2001 година, а ја ратификува во 2004 година.