Четири загинати и 17 повредени во руски ракетни и дрон-напади врз Украина
Најмалку четири лица загинаа, а 17 беа повредени во руски ракетни и дрон-напади врз Украина изминатата ноќ, соопштија локалните власти.
Во Киев, две лица загинале, а 13 се повредени во балистички напад во раните утрински часови, изјави шефот на градската воена администрација Тимур Ткаченко. Дел од повредените се хоспитализирани, а пожар избувнал во една зграда, пренесува Гардијан.
Во регионот Днипропетровск, уште две лица загинале, а седум се повредени, соопшти в.д. гувернерот Владислав Хајваненко. Нападите оштетиле станови, куќи, продавница и неколку возила.
Според украинската армија, Русија нападнала со девет ракети и 62 дрона, од кои украинската противвоздушна одбрана соборила четири ракети и 50 дронови.
Од руското Министерство за одбрана, пак, тврдат дека нивната одбрана соборила 121 украински дрон во текот на ноќта.
Нападите следат по повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски до САД да ги прошират санкциите врз руската нафтена индустрија, како и повторното негово барање за ракетни системи за одбрана.
Зеленски во петокот беше во Лондон, каде со повеќе од дваесет европски лидери разговараше за понатамошна поддршка за Украина и зајакнување на нејзината воздушна одбрана пред зимата.