Хрватска повторно воведува задолжителна воена обука

5

Хрватскиот парламент денеска со 84 гласа „за“, 30 воздржани и 11 „против“ ги усвои измените на Законот за одбрана, со кои се воведува задолжителна основна воена обука за младите граѓани.

Обуката ќе трае два месеци, а првите повици се очекуваат до крајот на годинава, додека првите регрути ќе започнат со обука во почетокот на 2026 година во касарните во Книн, Слуњ и Пожега. Според најавите од Министерството за одбрана, годишно ќе бидат повикувани околу 4.000 регрути, поделени во пет генерации.

Сите 18-годишни граѓани ќе бидат внесени во воениот регистар и ќе бидат повикани на обука во годината кога ќе наполнат 19 години. Пред почетокот, регрутите ќе поминат медицински преглед, а обуката ќе биде организирана во близина на нивното место на живеење.

Законот предвидува и можност за одложување на воената служба до 29-годишна возраст – заради студии или спортски ангажмани – како и ослободување од обврската во одредени случаи.

Граѓаните кои поради верски или морални убедувања одбиваат воена служба ќе можат да поднесат приговор на совеста и да ја извршуваат својата обврска преку цивилна служба во траење од четири месеци.

Регрутите за време на воената обука ќе примаат надоместок од 1.100 евра месечно, кој ќе се евидентира во работниот стаж. Надоместокот за цивилна служба ќе биде понизок, а точниот износ ќе биде утврден со подзаконски акти.

Жените нема да бидат обврзани со регрутација, но ќе можат доброволно да учествуваат во обуката, што ќе биде еден од условите за прием во активна воена служба или резервен состав.

Makedonski