Новата европска такса за јаглероден диоксид ќе ја зголеми цената на македонските извозни производи
Таканаречената такса за јаглероден диоксид што Европската унија ќе ја воведе од 1 јануари, ќе влијае врз крајната цена на производите што Македонија ги извезува на европскиот пазар, предупредуваат од Македонската асоцијација на метална индустрија (МАМЕИ).
Од таму велат дека извозните компании веќе се подготвуваат за новата обврска, но дека би им биле потребни поволни зелени кредитни линии за полесна адаптација — предлог што веќе го пласираше Стопанската комора на Северна Македонија.
„Цената секако ќе биде оптеретена и ќе има домино-ефект, но компаниите веќе подолго време се подготвуваат и секоја од нив бара начин како да се справи со тоа“, изјави Марта Наумовска-Грнарова од МАМЕИ.
Засега не е познат точниот износ на давачката што ќе ја плаќаат македонските компании од челичната, алуминиумската и цементната индустрија, но се очекува дополнителни детали да бидат познати наскоро.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека следната недела во земјава ќе пристигне Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Европската енергетска заедница, со кого ќе се разговара за деталите околу примената на новиот систем.
„Ни беше укажано дека ќе се зема предвид енергетскиот микс на државата. Минатата година 40% од производството на електрична енергија беше од обновливи извори, и тој процент ќе биде дел од пресметката. Сепак, ништо не е дефинитивно и очекуваме повеќе информации по средбата со Лорковски“, изјави Божиновска.
Новата европска регулатива е дел од механизмот за прилагодување на јаглеродната граница (CBAM), со кој ЕУ има за цел да го намали увозот на производи со висока јаглеродна стапка и да поттикне почиста индустриска продукција во земјите кои извезуваат на европскиот пазар.
 
			