ДУИ: Време е за предвремени парламентарни избори

9

Главниот заклучок од денешната седница на Централното претседателство на ДУИ е веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори, се наведува во соопштението на партијата.

Според ДУИ, ова е заеднички став и на партнерите во рамки на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), кои сметаат дека „волјата на граѓаните е јасна и во поддршка на НАИ“.

Од партијата нагласуваат дека во изминатите три изборни циклуси – претседателски, парламентарни и локални – граѓаните трипати по ред ја дале својата доверба на оваа коалиција.

ДУИ посочува дека НАИ има предност од над 23.000 гласови на државно ниво за општински совети, 21.000 гласови повеќе во трката за градоначалници, како и вкупно 159 советници, наспроти 122 на спротивниот политички блок.

Партијата оцени дека единствено решение за стабилност на државата се предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што велат, „народот веќе трипати по ред ја изрази својата волја“.

„ДУИ бара мандатот да му се врати на народот. Нека граѓаните решат кој има легитимитет да ја води државата и да го продолжи евроатлантскиот пат,“ се наведува во соопштението.

Во заклучокот, партијата порача:
„Националната алијанса за интеграција е победник на национално ниво. Граѓаните зборуваа јасно — сега е време политиката да слуша. Ајде веднаш на предвремени избори!“

Makedonski