Унгарија не планира да гине за Украина, марш за мир во Будимпешта

7

Голем број приврзаници на партијата „Фидес“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска се собраа во Будимпешта на т.н. „Марш за мир“, каде што Орбан порача дека „Унгарија вели не на војната и нема да гине за Украина“.

Унгарскиот премиер изјави дека неговата земја нема да учествува во војна ниту да жртвува животи за Украина, додавајќи дека конфликтот, според него, одамна би завршил доколку Брисел не ја попречувал мировната иницијатива на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

„Сега сме силна, суверена нација со достоинство, која ја чува својата иднина – без оглед колку предавници ќе извикаат ‘Слава на Украина!’ Нашиот одговор ќе биде: ‘Слава на Унгарија!’“, изјави Орбан обраќајќи се пред насобраните на плоштадот Кошут во Будимпешта, по повод одбележувањето на почетокот на народното востание против комунистичката власт во 1956 година.

Тој истакна дека Унгарците сакаат мир и живот, додавајќи:
„Нема да се откажеме од нашите пари, ниту од нашето оружје. Нема да одиме во војна, ниту ќе умираме за Украина – ќе живееме за Унгарија.“

Орбан најави дека во следните месеци ќе разговара и со, како што рече, „измамените Унгарци“.

„Не со нивните лидери – тие имаат свои господари… Денес Брисел носи опасност за Унгарија, не развој, туку војна. Тие не поддржуваат промена на власта, туку бирократи во Брисел кои зголемуваат даноци, укинуваат субвенции за домаќинствата и го ограничуваат семејниот додаток“, нагласи Орбан.

Тој го нарече „Маршот за мир“ најсилното политичко движење во земјата.

„Кога срцето на Унгарија чука – целиот свет го слуша. Светот го слушна во 1956 година и затрепери. Будимпешта им даде пример на поробените народи“, рече Орбан, додавајќи дека „без Унгарците комунизмот никогаш не би паднал“.

Обраќајќи им се на младите, Орбан порача дека Унгарија повторно смета на нив:
„Денес реалноста се заменува со виртуелни простори. Тешко е да се разликува што е вистина, а што манипулација. Но, Унгарија е реална. Слободата за која се бореа вашите баби и дедовци е реална. Нападот е реален – а вие сте потребни за да ја браниме Унгарија.“

Makedonski