Милосим Војнески се повлекува од изборната трка во Македонски Брод

15

Независниот кандидат за градоначалник на општина Македонски Брод, Милосим Војнески, објави дека се повлекува од изборната трка во вториот круг, наведувајќи дека е време за обединување и надминување на поделбите меѓу граѓаните.

Во објава на својот Фејсбук профил, Војнески напиша дека по бројни разговори со своите сограѓани одлучил да ја повлече кандидатурата, нагласувајќи дека не сака дополнително да ги продлабочува политичките и семејните поделби во општината.

„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која ѝ го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па сè до денес“, напиша Војнески.

Тој додаде дека неговата одлука е донесена во интерес на граѓаните и за иднината на општината.

„Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата општина во овој момент. Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена“, напиша Војнески.

Со оваа одлука, изборната трка за градоначалник на Македонски Брод ќе продолжи без негово учество во вториот круг.

Makedonski