Даниловски предупредува: Скопје станува биолошки резервоар на зарази
Купиштата ѓубре кои со месеци се натрупуваат низ главниот град создадоа идеални услови за експлозивно размножување на глувци и стаорци, предупредува епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.
Тој посочува дека глодарите се преносители на сериозни заразни болести – како лептоспироза, хантавирус и бубонска чума – кои се шират преку урината, изметот, плунката и болвите на животните.
„Познато е дека стаорците се размножуваат експоненцијално – еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци за само 18 месеци. Тоа е биолошки факт. Во Скопје, за жал, условите за такво размножување се исполнети“, предупредува Даниловски.
Професорот прашува колку глодари веќе се накотени, имајќи предвид дека отпадот со години се таложи, а санитарните мерки се минимални.
„Епидемиолошките ризици во вакви услови се реални и растат експоненцијално. Денес имаме современа медицина и антибиотици, но тоа не значи дека можеме да си дозволиме да создадеме биолошки резервоар на зарази во срцето на главниот град“, вели тој.
Особено остро реагира на неодамнешниот случај на каснување на дете од глушец во училишен двор, оценувајќи го како „црвена линија што не смееше да се премине“.
„Преминат е Рубиконот. Нема назад“, нагласува Даниловски, потсетувајќи на медицинскиот етички принцип Primum non nocere – „пред сè, не прави штета“.
Според него, истиот принцип мора да важи и за всите институции и професии што имаат контакт со граѓаните.
„Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога е загрозено здравјето и безбедноста на децата и граѓаните“, истакнува професорот.
Даниловски бара итна и координирана интервенција на сите надлежни институции, па дури и прогласување вонредна состојба на критични делови од градот, со цел дезинфекција, дератизација, дезинсекција и целосно отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност“, заклучува Даниловски.
 
			