САД воведоа нови санкции против Русија – цел нафтените гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“
Соединетите Американски Држави воведоа нов пакет санкции против Русија, насочени кон големите нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, обвинувајќи ја Москва за недостаток на посветеност кон завршување на војната во Украина. Истовремено, Русија спроведе голема нуклеарна воена вежба, во која беше демонстрирана способност за лансирање на интерконтинентални балистички ракети.
Според соопштението на американското Министерство за финансии, санкциите имаат за цел да ја ограничат способноста на Кремљ да ја финансира воената машина преку приходите од извоз на енергенси.
„Сега е време да се запре убивањето и да се воспостави итен прекин на огнот“, изјави министерот за финансии Скот Бесент, додавајќи дека САД ќе продолжат да вршат економски притисок врз Москва додека не се постигне мир. По неговите коментари, цените на нафтата пораснаа за повеќе од два долари по барел.
Новите мерки следат еден ден откако пропаднаа плановите за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин. Трамп изјави дека ја откажал средбата „бидејќи не му се чинела соодветна во овој момент“.
Во изминатите месеци, Белата куќа се обидуваше да одржи рамнотежа помеѓу притисок врз Москва и дипломатски пристап насочен кон мир, но со оглед на застојот на фронтот, администрацијата реши да преземе построг курс.
Трамп, сепак, нагласи дека САД сè уште не се подготвени да ѝ испорачаат на Украина ракети со долг дострел „Томахавк“, посочувајќи дека украинските сили би имале потреба од најмалку шест месеци обука за нивна употреба.
Во пресрет на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја, Трамп изрази надеж дека Пекинг ќе го искористи своето влијание врз Путин за прекин на борбите во Украина.
Од руската страна, Кремљ објави видео од воените нуклеарни вежби, на кое началникот на Генералштабот Валериј Герасимов го информира Путин за изведените операции. Русија соопшти дека биле лансирани ракети од копнени лансери, подморници и авиони, а стратешки бомбардери летале над Балтичкото Море, придружувани од борбени авиони на странски држави, најверојатно членки на НАТО.
Во меѓувреме, Европската Унија го усвои 19-тиот пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на руски течен природен гас, соопшти данското ротирачко претседателство на Унијата.