Синдикатот на „Комунална хигиена“: Вработените работат редовно и покрај доцнењето на платите
И покрај доцнењето на платата за месец септември, вработените во ЈП „Комунална хигиена“ продолжуваат редовно да ги извршуваат своите работни задачи околу празнењето на контејнерите низ Скопје, соопштија од Синдикатот на работниците од угостителството, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ).
Од Синдикатот нагласуваат дека вработените се соочуваат со сериозни потешкотии во извршувањето на своите обврски поради недостиг на возила за собирање смет, при што голем дел од постоечкиот возен парк е нефункционален поради недостаток на резервни делови.
„Вината не е кај вработените, кои вложуваат максимални напори за редовно собирање на отпадот, туку кај раководството на претпријатието“, се наведува во соопштението на СУТКОЗ, од каде најавуваат дека ќе преземат законски мерки против раководството поради доцнењето на платите и лошата состојба на возниот парк.
Синдикатот посочува дека платите на вработените се исплаќаат со задоцнување веќе неколку месеци, иако, според нивните сознанија, средствата од наплатата на сметките редовно се уплатуваат на сметката на претпријатието. Затоа, најавуваат кривични пријави против раководството, како и пријави до Државниот инспекторат за труд.
На состанокот на извршниот одбор на синдикалната организација на СУТКОЗ при ЈП „Комунална хигиена“, одржан на 21 октомври, биле повикани директорот и членовите на Управниот одбор на претпријатието, но директорот не присуствувал на средбата.
Во меѓувреме, главниот град останува затрупан со отпад. Речиси и да нема општина во Скопје каде што нема преполни контејнери и расфрлано ѓубре на тротоарите, улиците и зелените површини. Состојбата, велат граѓаните, е алармантна и незапаметена, особено во периодот меѓу двата изборни круга од локалните избори.
Јавноста сè погласно реагира дека здравјето на граѓаните повторно е загрозено поради политичките игри и блокади меѓу градоначалничката во заминување Данела Арсовска и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои раководат со Управниот одбор на претпријатието — проблем што го обележа речиси целиот нејзин мандат.