Грабеж од 90 милиони евра во Лувр – најголемата кражба во Франција во последните децении

6

Француските власти и натаму трагаат по криминалната група која стои зад најдрскиот грабеж во последните децении, при што од Лувр во Париз беа украдени скапоцености вредни речиси 90 милиони евра.

Париската обвинителка Лоренс Бекуо изјави за радиодифузерот RTL дека, според проценката на кураторот на музејот, вредноста на украдените експонати изнесува околу 88 милиони евра.

Претседателот и директор на музејот, Лоренс де Кар, денеска ќе одговара пред сенатскиот комитет за култура, три дена по грабежот што траел само седум минути, во кој крадците однеле осум парчиња накит од времето на Наполеон.

Според досегашните информации, четворица напаѓачи во неделата наутро насилно влегле во галеријата Аполо, користејќи скали од дигалка за мебел, по што побегнале со пленот. Музејот бил веднаш затворен и остана недостапен за посетители во понеделник и вторник. Засега не е познато кога ќе биде повторно отворен.

Од директорот Де Кар се очекува да одговори на прашањата за брзината на упадот, квалитетот на витрините во кои бил изложен накитот и реакцијата на обезбедувањето.

Министерката за култура Рашида Дати, во обраќање пред националното собрание, ги отфрли шпекулациите дека безбедносните камери не функционирале, нагласувајќи дека „безбедносниот апарат на музејот Лувр не откажа, тоа е факт“.

Таа најави дека дел од буџетот за реновирање на музејот ќе се пренамени за унапредување на безбедносниот систем, вклучително и нови CCTV камери. Од музејот појаснија дека витрините во кои се чувал накитот биле обновени во 2019 година, при што тогаш бил воведен подобрен безбедносен систем.

Париското обвинителство ангажираше специјализирана единица за истрагата, во која се вклучени околу 100 полициски службеници обучени за грабежи од висок профил – меѓу кои и тимот што го водеше случајот со грабежот на Ким Кардашијан во 2016 година.

Во истрагата ќе учествува и Централната канцеларија за борба против трговијата со културни добра, со цел да се идентификува мрежата која стои зад овој грабеж од светски размери.

Makedonski