Трамп: Нема да има самит со Путин – не сакам уште еден пропаднат состанок
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека во блиска иднина нема да се одржи самит со рускиот претседател Владимир Путин, иако претходно беше најавено дека двајцата лидери би можеле да се сретнат во Будимпешта.
„Не сакам уште еден пропаднат состанок и не сакам да губиме време залудно,“ изјави Трамп, додавајќи дека клучна пречка за евентуална средба останува одбивањето на Русија да ги прекине борбените дејства на фронтот.
Висок функционер од Белата куќа потврди дека во моментот не е планирана никаква средба Трамп–Путин, ниту постои договор за нов датум.
Минатата недела, Трамп најави дека во наредните две недели би можел да се сретне со Путин, а Будимпешта беше потврдена како можно место на одржување на самитот.
Предвидена беше и подготвителна средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, која требаше да се одржи во четврток во Будимпешта. Меѓутоа, средбата беше откажана, откако, според соопштението од Белата куќа, двајцата официјални претставници имале продуктивен телефонски разговор.