Планини од отпад низ Скопје – Герасимовски лично се вклучи во расчистувањето

13

Додека актуелните градоначалници на скопските општини кои не освоија нов мандат се подготвуваат за вториот изборен круг, градот се соочува со сериозен проблем со отпадот.

Во изминатите денови, а според граѓаните и со недели, контејнерите низ Скопје не се празнат редовно, а околу нив се натрупува голем број ќеси и расфрлан смет. Сликите на преполни контејнери и наталожен отпад станаа секојдневие за скопјани – и наутро, и навечер.

Според очевидци, ЈП „Комунална хигиена“ само повремено празни дел од контејнерите, додека во поголем дел од градот отпадот останува недопрен, што создава непријатна слика и миризба, но и потенцијален хигиенски ризик.

Во обид да се ублажи состојбата, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска излезе на терен заедно со општинските хигиеничари и лично учествуваше во расчистувањето на отпадот околу контејнерите.

„Иако општината нема надлежност ниту соодветна механизација за празнење на контејнерите, чувствував обврска да помогнеме таму каде што можеме,“ изјави Герасимовски.

Од општината најавуваат дека ќе продолжат со вакви акции на терен, додека се очекува ЈП „Комунална хигиена“ да ја стабилизира редовната динамика на собирање отпад.

Makedonski