Албанија и Црна Гора од јуни 2026 ќе имаат европски цени за повици и интернет
Од јуни следната година, Албанија и Црна Гора ќе станат дел од заедничкиот телекомуникациски пазар на Европската Унија, што ќе им овозможи на нивните граѓани да вршат повици и користат мобилен интернет во рамките на ЕУ по цени слични на домашните, објави порталот SEEbiz.
Оваа мерка е дел од пошироката иницијатива на Унијата за постепено приближување на земјите од Западен Балкан кон европското членство, преку конкретни економски и технолошки интеграции.
Планот за укинување или намалување на трошоците за роаминг меѓу регионот и ЕУ е во имплементација веќе две години и претставува еден од клучните чекори за олеснување на меѓусебната комуникација и мобилност.
Овој месец, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Молдавија се приклучија и на европскиот систем за финансиски трансакции SEPA, што ќе овозможи побрзи и поевтини меѓународни плаќања кон земјите-членки на ЕУ.
Покрај Албанија и Црна Гора, и останатите држави од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Украина – се во напредна фаза на преговори за приклучување кон европската иницијатива за бесплатен роаминг. Според најавите, дел од нив би можеле да станат дел од овој пазар уште од јануари 2026 година.