Вајц: Македонија има напредок, но ѝ недостига вистински пробив на европскиот пат

5

Македонската влада прави постепен напредок во спроведувањето на агендите поврзани со малцинствата, безбедноста и инфраструктурните проекти, но ѝ недостига вистински пробив за забрзување на евроинтегративниот процес, оцени известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц.

Вајц изрази надеж дека по локалните избори ќе бидат направени уставните измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот, што, според него, ќе го отвори патот за реално започнување на пристапните преговори со Европската унија.

„Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Македонија е дел од пристапниот процес, но суштински преговорите сè уште не се почнати. Потребно е тоа да се случи наскоро за да ја задржиме земјата на вистинскиот пат“, изјави Вајц.

Регионален контекст: Црна Гора предничи, Србија назадува

Осврнувајќи се на останатите држави од Западен Балкан, Вајц оцени дека Црна Гора има најголеми шанси да стане 28-та членка на ЕУ до 2029 година, благодарение на брзото спроведување на реформите.

Според него, Албанија исто така бележи напредок, особено во борбата против корупцијата и во зајакнувањето на владеењето на правото.

Од друга страна, Босна и Херцеговина, според Вајц, се соочува со сериозни предизвици поради политичката нестабилност и „недостигот на современа граѓанска држава“.

Критики за Србија: „Заробена држава“ под Вучиќ

За Србија и Косово, Вајц порача дека напредокот кон Европската унија ќе биде можен само доколку постигнат заемно признавање и трајно помирување.

„За жал, Србија не назадува само поради нерешените односи со Косово, туку и поради влошувањето на владеењето на правото и демократските стандарди. Владата на Александар Вучиќ не ја зголемува слободата на медиумите, туку ја ограничува. Не ја зајакнува независноста на правосудството, туку ја поткопува“, изјави Вајц.

Тој ја оцени Србија како „заробена држава“, во која државните институции се под силно влијание на партијата на претседателот Вучиќ.

„Ако сакаме да го внесеме регионот во Европската унија и да го помириме, мора да разговараме со Србите. Но тоа не секогаш значи со српската Влада, бидејќи се сомневам дека Вучиќ навистина сака Србија да стане членка на Унијата“, додаде европратеникот од редовите на Зелените.

Вајц оцени дека Вучиќ води политика на повеќе фронтови, обидувајќи се истовремено да одржува односи со Кина, Русија и Европската унија, како и да го промовира концептот на „српскиот свет“.

„Не знам дали Вучиќ има поголема наклоност кон Кина, Русија, ЕУ или кон идејата за ‘српски свет’, кој би ги опфатил и делови од соседните земји. Но, тоа е нешто што ниту еден политичар не би требало да го прави“, заклучи Вајц.

Makedonski