Зеленски: Подготвен сум да присуствувам на самитот Трамп–Путин, но под услови што водат кон мир
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен да се приклучи на најавениот самит во Будимпешта меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот лидер Владимир Путин, нагласувајќи дека е потребен поголем притисок врз Кремљ за да се стави крај на војната во Украина.
Трамп, по разговорот со Путин, најави втор круг мировни преговори во Будимпешта, а Зеленски во интервју за американскиот канал NBC потврди дека е подготвен да присуствува на тој самит.
„Ако навистина сакаме праведен и траен мир, двете страни мора да бидат вклучени. Како можеме да постигнеме договор за нас – без нас?“, истакна украинскиот претседател.
Зеленски рече дека е „добро што Трамп не рече ‘не’“ во однос на можната испорака на американски ракети „Томахавк“, но додаде дека „претседателот засега не рекол ниту ‘да’“.
„Путин е сличен на Хамас, само што е посилен. Руската армија е втора по сила во светот, затоа е неопходен поголем притисок“, нагласи тој.
Украинскиот лидер изрази надеж дека испораката на „Томахавк“ би можела да го смени текот на војната, но забележа дека тоа засега не се случило.
Од друга страна, Путин предупреди дека испраќањето на овие ракети би претставувало „нова фаза на ескалација на конфликтот“.
„Путин се плаши дека САД ќе испорачаат ракети ‘Томахавк’ на Украина, и мислам дека со право се плаши – затоа што ние навистина би ги користеле“, оцени Зеленски.
Иако повтори дека рускиот претседател го смета за „терорист“, Зеленски нагласи дека е подготвен за директна средба со Путин, но само под услови кои водат кон мир, „а не под бомби и дронови“.
За време на посетата на САД, која се совпадна со засилените руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, Зеленски повтори дека Украина не ја губи војната, но дека Русија ги интензивира воздушните удари „затоа што е слаба на фронтот“.
„Путин се обидува да предизвика енергетска катастрофа оваа зима“, изјави Зеленски.
По средбата со украинскиот претседател, Трамп на социјалните мрежи порача дека Русија и Украина треба „да застанат таму каде што се сега“ и дека е време за примирје и договор.
„Ако сакаме итно да ја завршиме војната и да почнеме мировни преговори по дипломатски пат, мора да останеме таму каде што сме, без дополнителни отстапки кон Путин“, рече Зеленски како одговор на прашањето дали е подготвен на територијални компромиси.
Зеленски изјави дека идејата за можен состанок со Трамп и Путин во Будимпешта не би била позитивна за Украина, бидејќи Унгарија ги блокира сите иницијативи што се во корист на Киев.
„Имаше многу достојни опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Говориме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија“, рече Зеленски, додавајќи дека премиерот Виктор Орбан промовира проруски ставови.
Тој нагласи дека Орбан нема мандат од Украина да посредува и дека неговите обиди да се позиционира како медијатор не донеле резултати.
Украинскиот претседател потврди дека разговарал во Вашингтон за набавка на 25 американски противвоздушни системи „Патриот“, кои би се испорачувале постепено во наредните години.
Дел од средствата за набавката ќе се обезбедат од замрзнатиот руски имот, а финансиската основа за овој план, како што рече, веќе е подготвена.
„Во некои земји членки на НАТО има системи ‘Патриот’ кои формално им припаѓаат на САД. Украина може да ги добие тие системи ако има политичка поддршка од Вашингтон“, додаде Зеленски.
 
			