Затворени избирачките места – одѕивот до 17 часот изнесува 39,61 отсто

8

Во 19 часот вечерва се затворија избирачките места на кои граѓаните гласаа на осмите локални избори во земјата — четврти по ред на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. По затворањето, право на глас имаа само оние кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се спроведува гласањето.

Гласачките места беа отворени во 7:00 часот, а право на глас имаа 1.832.415 лица запишани во Избирачкиот список. Тие можеа да се изјаснат на 3.474 избирачки места низ државата, за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи, односно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.

Изборниот процес го следеа 1.451 набљудувач, од кои 807 домашни и 644 меѓународни.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), одѕивот до 17 часот изнесувал 39,61%. Од Комисијата информираа дека гласањето се одвивало без проблеми, без пријавени нерегуларности или неправилности.

Првични резултати околу полноќ

Вчера, ден пред изборите, гласаа 2.162 затвореници, лица во домашен притвор, 8.851 болни и немоќни лица, како и 442 лица сместени во старски домови.

Партиските раководства вечерва се во своите изборни штабови, каде ги очекуваат првите резултати, кои според најавите од ДИК, се очекува да бидат објавени околу полноќ.

ДИК ќе ги објавува резултатите сукцесивно, по прием на електронските податоци од општинските изборни комисии. Конечните резултати ќе бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на гласањето.

Втор круг – доколку нема мнозинство

Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле најмалку една третина од запишаните гласачи.

Доколку ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство, се оди во втор круг на гласање, на кој се гласа за двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Вториот круг се одржува во рок од 14 дена.

Советниците, пак, се избираат во првиот круг, според пропорционален модел и Д’Хондтова формула за распределба на мандатите.

Makedonski