Почна гласањето на локалните избори 2025
Во 7 часот утрово започна гласањето на осмите локални избори од осамостојувањето на државата. Од Државната изборна комисија (ДИК) информираа дека сите избирачки места се навреме отворени.
Граѓаните денеска гласаат на 3.474 избирачки места низ земјата, а право на глас имаат 1.832.415 избирачи.
На овие локални избори се натпреваруваат 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи со вкупно 10.490 кандидати.
Вчера, еден ден пред изборите, своето право на глас го искористија затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните, како и лицата сместени во старските домови.
ДИК најави дека првите податоци за текот на гласањето и излезноста ќе бидат објавени на прес-конференција во 09:30 часот, а првичните резултати од изборите се очекуваат во рок од 12 часа по затворањето на избирачките места.