Над 10 милиони туристи ја посетиле Албанија од почетокот на годината

6

Албанија во периодот од јануари до септември годинава ја посетиле 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период лани, соопшти министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја.

„Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација“, напиша Гонџја на социјалните мрежи.

Тој додаде дека земјата нуди комплетен туристички пакет – од албанските Алпи до долгата крајбрежна линија, при што секој тип турист може да најде нешто за себе. Според него, секоја година расте и бројот на земји од кои пристигнуваат посетители.

„Туристите ја избираат Албанија не само поради прекрасните плажи и поволната клима, туку и поради планинските предели, античките градови со историска и културна вредност, како и поради гостопримството и традиционалната кујна“, нагласи министерот.

Гонџја истакна дека туризмот во Албанија станал целогодишна активност, која не само што генерира значителни приходи, туку и ја промовира земјата како дестинација што се посетува во текот на целата година.

Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи, што е зголемување од 15,2 отсто во однос на претходната година. Министерот очекува оваа година бројката да ја надмине границата од 12 милиони посетители.

Makedonski