ДИК поништи советничка листа во Скопје поради починат кандидат

24

На една од поднесените советнички листи за Советот на Град Скопје било откриено дека се наоѓа починато лице, поради што Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно одлучи да ја поништи листата.

Со оглед на тоа што информацијата била откриена по утврдувањето на кандидатските листи, а гласачките ливчиња веќе се отпечатени и дистрибуирани, листата не може да биде тргната од изборниот материјал.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, објасни дека во ваков случај гласачките ливчиња на кои граѓаните би гласале за оваа листа ќе се сметаат за неважечки.

„Бидејќи информацијата е откриена доцна, не може да се запре процесот и не може да се ограничи правото на глас. Затоа упатствата се јасни – доколку некој гласа за оваа листа, ливчето ќе биде прогласено за неважечко,“ изјави Кондарко.

Тој додаде дека вакви случаи се случувале и во минатото, а за нив се воделе и кривични постапки.

„Минатата година имаше сличен случај. И тогаш беа преземени мерки и покрената кривична постапка, која сè уште е во тек. Сега повторно ќе ги доставиме сите материјали до Јавното обвинителство, кое треба да утврди дали има основ за постапка,“ посочи претседателот на ДИК.

ДИК го повика Обвинителството да ги провери сите околности и да преземе мерки доколку се утврдат неправилности.

Покрај овој случај, ДИК денеска се соочи и со друг проблем – прекин на гласањето во дом за стари лица во Ново Село, поради печатна грешка на гласачките ливчиња, при што биле помешани редните броеви на кандидатите.

„Грешката е веќе исправена, новиот материјал е доставен во општината и гласањето продолжи непречено. Сите болни и изнемоштени лица ќе можат да го остварат своето право на глас до крајот на денот,“ информираше Кондарко.

Од ДИК додаваат дека на сите други локации каде што денеска се гласаше — затвори, старски домови и домови на болни лица — процесот се одвива без забелешки.

Резултатите од денешното гласање ќе бидат објавени утре, заедно со резултатите од првиот круг на Локалните избори 2025.

Makedonski