ЕУ одобри 16 милиони евра за С. Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст
Со одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
Со оваа одлука се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка – дел неповратни средства и дел заем. Од вкупниот износ, 7,4 милиони евра ќе бидат исплатени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе се насочи кон финансирање инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Износот е утврден по одземањето на средствата искористени за порамнување на претфинасирањето во рамките на инструментот, соопштува Министерството за европски прашања.
„Одлуката претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата,“ стои во соопштението. Одлуката следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и раст.
Комисијата оцени дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократско владеење, владеење на правото, макроекономска стабилност и управување со јавните финансии.
Во рамки на оценката, опфатени се чекорите од Реформската агенда 2024–2027 со рок за реализација до јуни 2025 година. Од вкупно 16 чекори, државата пријавила девет исполнети, а Европската комисија оценила дека четири се задоволително реализирани – три во областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната клима поврзан со инспекциските надзори.
Меѓу реализираните активности се:
- 
усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи (усогласен со европската директива NIS2), 
- 
закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со воведување на европски дигитален идентитет, 
- 
и закон за архивски материјал кој воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. 
Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија, преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За дел од чекорите што не се целосно реализирани, Европската комисија утврди продолжен рок (грејс период) за имплементација до јуни 2026 година.
 
			