Последен ден од изборната кампања пред првиот круг на локалните избори

6

Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела, на 19 октомври. Политичките партии, независните кандидати и коалициите уште денеска имаат можност да ги претстават своите визии, програми и кандидати пред граѓаните.

Со почетокот на изборниот молк ноќеска на полноќ, ќе престане секоја форма на изборна промоција, а молкот ќе трае до завршувањето на гласањето во недела.
Од понеделник, 20 октомври, ќе започне кампањата за оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот круг.

Во рамки на последниот ден од кампањата, ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата вечерва ќе одржат завршен централен митинг во Охрид, додека СДСМ и коалицијата ќе ги претстават своите изборни програми во Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово и Куманово.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија вечерва ќе ја претстави својата програма на завршен митинг во Куманово.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО–ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе одржи прес-конференција, додека Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, ќе говори на Плоштад „Слобода“. Во рамки на активностите на Левица се најавени и повеќе настани: акцијата „Скопје пешки“ (Мециновиќ пешачи од Ѓорче Петров до Ново Лисиче со застанување на Плоштад „Слобода“ за прес-конференција), изложбата „Скопје какво беше – какво е – какво треба да биде“, како и завршен собир во изборниот штаб на партијата.

Makedonski