Одржана свечена конвенција на Партијата на Хрватите во Македонија
Вчера вечер, Партијата на Хрватите во Македонија (ПХМ) ја одржа својата свечена промотивна конвенција, на која присуствуваа претставници на Владата на Македонија, амбасадорката на Хрватска во Македонија Нивес Тигањ, која воедно е и пратеник на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, како и директори на институции, членови на дипломатскиот кор и бројни гости од јавниот и политичкиот живот.
Во своето обраќање, амбасадорката Тигањ го честиташе основањето на партијата и посака успех во нејзината работа. Таа ја истакна традиционално добрата и пријателска соработка меѓу двете држави, нагласувајќи ја важноста на заедничките европски вредности и поддршката што Хрватска ѝ ја дава на Македонија на патот кон членство во Европската Унија.
Конвенцијата беше збогатена и со видео-обраќања со пораки за поддршка, меѓу кои:
-
Адријан Вуксановиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора и претседател на партијата Хрватска граѓанска иницијатива;
-
Јасна Војниќ, пратеник во Саборот на Хрватска и претседател на Хрватскиот национален совет во Србија, која се обрати и во име на претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ и претседателката на Комисијата за Хрвати вон Хрватска, Здравка Бушиќ;
-
како и Карло Реслер, пратеник во Европскиот парламент.
Во своето обраќање, претседателот на ПХМ, Ненад Немет, зборуваше за стратешките цели на партијата – зачувување и унапредување на хрватскиот идентитет, јазик и култура, како и активно вклучување на Хрватите во политичкиот, општествениот и културниот живот на државата.
„Хрватите се лојални граѓани кои активно придонесуваат за општествениот развој и зајакнување на демократските процеси во земјата. Важно е да градиме мостови на соработка и меѓусебно почитување меѓу различните заедници во Македонија, при што Хрватите се горд дел од мултикултурното ткиво на државата“, истакна Немет.
Тој додаде дека конвенцијата претставува важен момент за јакнење на врските меѓу хрватската заедница и институциите во Македонија, како и поттик за понатамошна подобра соработка со Република Хрватска.