Почнува судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ – првата расправа закажана за 19 ноември во Идризово

5

Кривичниот суд во Скопје соопшти дека главната расправа за предметот К.бр. 1872/25, поврзан со тешката несреќа во кочанската дискотека „Пулс“, е закажана за 19 ноември 2025 година, со почеток во 09:30 часот, во судницата на Казнено-поправната установа Идризово.

Во соопштението се наведува дека обвинителниот акт, кој првично го поднесе ОЈО Кочани, а потоа беше прераспределен во Јавното обвинителство Скопје по одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, е целосно одобрен и распределен преку АКМИС-системот кај судијката Диана Груевска Илиевска.

„За ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа – на 25, 26 ноември, како и на 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. По отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни датуми. Поканите до странките се веќе во фаза на достава,“ се вели во соопштението од Судот.

Поради големиот број обвинети и зголемениот интерес на јавноста и медиумите, Судот апелира до сите учесници во постапката да пристигнат најмалку еден час пред почетокот на рочиштето, со цел спроведување на безбедносните процедури и навремено започнување на расправата. Медиумите, пак, се потсетуваат навреме да ги обезбедат дозволите за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ.

Во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Иако обвинението ги товари 34 лица и три фирми за низа кривични дела поврзани со пожарот и пропустите во безбедносните стандарди, ниеден од обвинетите не ја прифаќа вината.

Обвинителниот акт има 117 страници, од кои 109 се посветени на приговорите на обвинетите и нивните бранители. Во него се содржат над 1.440 докази, а 283 сведоци се предложени за сослушување.

Makedonski