Осумнаесет години без Тоше Проески – маратон од Нова Градишка до Крушево во негова чест
Земјава и целиот Балкан денеска се сеќаваат на Тоше Проески, кој на денешен ден пред осумнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Во негова чест, традиционално се одржува маратонот од Нова Градишка до Крушево, кој годинава се трча 18-ти пат. Четиринаесет маратонци тргнаа од спомен-обележјето на Тоше во Нова Градишка, а денеска — на годишнината од неговото заминување — ќе пристигнат во Крушево, на неговото вечно почивалиште на Гумење.
Тоше Проески го загуби животот во 2007 година, во периодот кога одбележуваше десет години од својата музичка кариера, која токму тогаш почна да добива меѓународно признание. Неговиот англиски албум The Hardest Thing беше промовиран постхумно, а само две недели пред трагедијата го издаде и последниот албум на македонски јазик — Игри без граници.
Роден е на 25 јануари 1981 година во Крушево, а музичкиот талент го покажа уште како ученик, настапувајќи на „Златно славејче“ во 1992 година. Прв поголем успех постигна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, по што следуваше блескава кариера исполнета со хитови, фестивали и концерти низ целиот регион.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година беше именуван за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.
Тоше зад себе остави седум албуми, бројни хуманитарни проекти и бесмртна порака за љубов, добрина и човечност. Неговиот последен концерт, одржан на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, беше хуманитарен — посветен на подобрување на условите во образованието во Македонија.