Можно нарушување на возниот ред на ЈСП – прекин во испораката на природен гас до 17 октомври

4

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје денеска соопшти дека може да дојде до нарушување на возниот ред на автобусите поради прекин во испораката на природен гас кон Македонија.

Според информациите од НОМАГАС АД Скопје, испораката на гас ќе биде стопирана во периодот од 13 до 17 октомври, поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседните земји.

„НОМАГАС навремено ги извести сите засегнати страни за прекинот. Доколку има промени во времетраењето на прекинот, јавноста ќе биде дополнително информирана преку ново известување. Напоменуваме дека за ваквата состојба придонесува фактот што Македонија има само еден влез за природен гас, преку интерконекторот кај Деве Баир,“ информираат од компанијата.

Од ЈСП Скопје велат дека прекинот во снабдувањето може да предизвика недостаток на гориво за дел од автобусите што сообраќаат на природен гас, поради што граѓаните треба да бидат подготвени на можни доцнења или изменет возен ред.

Од НОМАГАС додаваат дека во тек е реализација на новиот интерконектор со Грција, чија изградба започна во јуни, и кој во иднина треба да ја намали зависноста од единствениот гасоводен правец.

Makedonski