Брутален напад во Тетово: Син на полициски командир претепал сограѓанин, жртвата пронајдена во дупка од зграда во изградба

21

Во раните утрински часови во Тетово, 27-годишен маж брутално претепал сограѓанин, кој подоцна бил пронајден со тешки повреди во дупка од зграда во изградба. Според неофицијални информации, напаѓачот е син на полициски командир во градот и од порано е познат по насилничко однесување.

Очевидци сведочат дека нападот бил исклучително брутален и дека осомничениот го удрил 42-годишниот маж во главата со стаклено шише, нанесувајќи му сериозни повреди.

Од СВР Тетово соопштија дека настанот се случил на 15 октомври околу 05:20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „Борис Кидрич“ во Тетово.

„Полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Ф.Д. (27) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал А.К. (42) од Тетово. А.К. бил пронајден со повреди во ископана дупка од објект во изградба и поради сериозноста на повредите е пренесен во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Ф.Д. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од полицијата.

Жртвата е во тешка состојба, а случајот предизвика бурни реакции во јавноста, особено поради наводната поврзаност на осомничениот со полициски структури во градот.

Makedonski