Филипче се дистанцира од Црвенковски по фотографиите со Пецаков во Охрид

10

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска јавно се дистанцираше од поранешниот претседател на партијата Бранко Црвенковски, откако во јавноста се појавија фотографии од ресторан во Охрид на кои тој се гледа во друштво со актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, и пратеникот Саше Донев.

„Јас можам само да го цитирам поранешниот претседател со неговата позната изјава: ‘Или си СДСМ или не си’“, изјави Филипче на денешната прес-конференција.

На една од фотографиите се гледа како Црвенковски вечера со Пецаков и сопственикот на фирмата ‘Пупе компани’, додека на друга е фотографиран со Марина Горговска, носителка на советничката листа на партијата ЗНАМ во Охрид.

Според пишувањата на дел од медиумите, ова не е прва средба меѓу Црвенковски и Пецаков, туку, наводно, претходеле уште две приватни средби во куќата на семејството Црвенковски во охридското село Слатино.

Неофицијално, се тврди дека Црвенковски посредувал за одредена услуга за свој пријател бизнисмен, а за возврат требало да даде поддршка за Пецаков на претстојните локални избори.

Фотографијата со Горговска, пак, била објавена на нејзиниот Фејсбук профил, а уште од основањето на партијата ЗНАМ се шпекулира дека зад нејзиното формирање стоел токму Бранко Црвенковски.

Makedonski