На профилот „Ел Чека“ објавени аудио-снимки со наводен глас на кичевскиот градоначалник Дехари – ВМРО-ДПМНЕ бара негова оставка

34

На социјалната мрежа Фејсбук, на профилот со името „Ел Чека“, се појавија аудио-снимки за кои се тврди дека го прикажуваат актуелниот градоначалник на Кичево од редовите на ДУИ, Фатмир Дехари, во разговор со вработена во општината, наводно од неговиот кабинет.

Во снимките, чија автентичност засега не е потврдена, може да се слушне глас кој, според објавата, му припаѓа на Дехари и во кој се упатуваат интимни и недолични коментари кон соговорничката. Профилот што ги објави материјалите тврди дека разговорот е снимен во општинската зграда, во работно време, во канцеларијата на градоначалникот.

Во описот на видеото стои дека „во општинската зграда се случуваат скандали благодарение на моќта и влијанието на кичевскиот градоначалник“.

Објавата предизвика бројни реакции во јавноста, а со осуда излезе и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека содржината на снимките е „понижувачка и срамна за сите жени во Македонија“.

„Од снимките се слуша како Фатмир Дехари, наместо да ја користи својата функција за добробит на граѓаните, се изживува врз вработените. Ова е скандал и навреда за секоја жена, без разлика на етничката припадност. Ваквото однесување мора да биде осудено од сите“, стои во реакцијата на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително побараа неотповиклива оставка од Дехари и повикаа на широка општествена осуда, истакнувајќи дека „жените не смеат да бидат третирани како сопственост или објект“.

Досега нема официјална реакција од страна на Фатмир Дехари ниту од ДУИ во врска со објавените аудио-снимки.

Makedonski