Вирално видео од Газа: Хамас егзекутира Палестинци обвинети за соработка со Израел – стравувања дека мировниот договор може да пропадне
На социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео на кое, според извештаи, членови на Хамас егзекутираат Палестинци обвинети за соработка со Израел. Сцените, кои брзо се проширија на интернет, предизвикаа широка осуда и стравувања дека мировниот договор за Газа, постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, би можел да биде сериозно загрозен.
На снимката, група мажи клекнуваат со врзани раце, додека зад нив стојат наоружани припадници на Хамас со покриени лица. По неколку истрели, мажите паѓаат на земја, а во позадина се слушаат извици „Алаху акбар“ („Господ е голем“). Егзекутираните, според видеото, се нарекуваат „колаборатори“.
Извор од Хамас ја потврдил автентичноста на снимката, објави i24News. Егзекуциите, наводно, се дел од напорите на Хамас да ја зацврсти својата контрола во Појасот Газа по потпишувањето на мировниот договор со Израел.
Истовремено, Хамас објави повик за општа мобилизација на околу 7.000 припадници на своите сили со цел „враќање на контролата“ врз делови од Газа што претходно биле напуштени од израелската војска.
„Во име на националната и религиозната должност, мора да ја исчистиме Газа од соработници и отпадници. Сите треба да се пријавите во рок од 24 часа“, се наведува во пораката на групата.
Палестински извори пренесуваат дека деценции се убиени во последните денови во судири меѓу Хамас и соперничките фракции. Жителите сведочат дека луѓето бегаат од сопствените вооружени сили, а не од израелски напади.
И додека Израел го поздрави ослободувањето на 20 преживеани заложници, властите изразија незадоволство поради враќањето само на неколку тела на загинатите. Од 28 мртви заложници, досега се вратени само четири тела, што предизвика силна реакција кај семејствата на жртвите.
Израелскиот министер за одбрана, Исраел Кац, го обвини Хамас за кршење на прекинот на огнот, предупредувајќи на „сериозни последици“. Израелската влада, пак, се соочува со растечка критика од семејствата на заложниците, кои бараат итна суспензија на договорот сè додека не се вратат сите тела.
Според Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), идентификацијата и враќањето на телата може да потрае со денови или недели поради големото уништување во Појасот Газа.
„Во многу случаи, останките можеби се под урнатините и потрагата е исклучително тешка“, изјави портпаролот Кристијан Кардон.
ОН и МКЦК апелираа до Израел и Хамас да ги отворат сите премини кон Газа за да се овозможи поголем проток на хуманитарна помош, оценувајќи дека цивилите повторно се најголеми жртви на конфликтот.
 
			