Додик: Ако Обама доби Нобелова награда, Трамп заслужува две – за мир и за храброст
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денес изјави дека доколку поранешниот американски претседател Барак Обама ја добил Нобеловата награда за мир, тогаш сегашниот американски претседател Доналд Трамп заслужува две награди – една за мирот што го носи, а другата за храброста да се спротивстави на силите „кои зборуваат само на јазикот на војната“.
„Барак Обама ја доби Нобеловата награда за мир во 2009 година – не за она што го постигна, туку за она што светот се надеваше дека еден ден ќе го постигне. Гледајќи наназад, тие надежи се покажаа залудни,“ напиша Додик на платформата X (поранешен Твитер).
Тој додаде дека за време на мандатот на Обама „светот гореше“, наведувајќи ги конфликтите во Авганистан, Либија, Сирија, Ирак и Јемен, во кои, според него, биле изгубени повеќе од половина милион животи, а милиони луѓе биле раселени.
Со оваа изјава, Додик уште еднаш ја изрази својата поддршка за политиката на Доналд Трамп, оценувајќи дека неговиот пристап кон меѓународните односи „го враќа светот кон мир и разум“.