ВМРО-ДПМНЕ ќе може да го издава, но не и да располага со приходите од „Белата палата“

9

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од денеска ќе може да го издава под закуп своето седиште „Белата палата“ и останатиот замрзнат имот, но без право да располага со средствата од кирија, пренесе Фокус.

Одлуката ја донесе Кривичниот суд – Скопје, преку судијката Даниела Алексовска Стојановска, која е надлежна за предметот „Талир 2“. Со неа, досегашната мерка за забрана на издавање под закуп се заменува со нова мерка – забрана за располагање со приходите од закупот.

„Предлогот за укинување на привремената мерка за издавање под закуп се заменува со мерката – забрана за располагање со парите добиени од закуп,“
се наведува во одлуката на судијката Алексовска Стојановска.

Ова значи дека партијата ќе може да го изнајмува имотот, кој опфаќа вкупно 68 недвижнини, но парите од кирија ќе мора да се уплаќаат на посебна сметка, без можност за користење до завршување на судската постапка.

Со ваквата измена се согласи и обвинителката Ленче Ристоска, која во изјавата пред судот истакна дека се противи на целосно укинување на мерките за обезбедување на имотот, но предлага нивна замена за да се овозможи легално издавање под закуп.

„Предлагам мерката да се замени со забрана за располагање со средствата од закуп, при што сопственикот ќе биде должен приходите да ги уплаќа на посебна сметка и да не располага со нив до завршување на кривичната постапка,“
изјави обвинителката Ристоска.

Со оваа одлука, имотот на ВМРО-ДПМНЕ останува замрзнат, но партијата добива ограничена можност за економско користење на недвижнините, без директен пристап до финансиските средства.

Makedonski