Трамп ја обвини Кина за непријателство поради контрола на извозот на ретки метали
Претседателот Доналд Трамп изрази шок и незадоволство поради одлуката на Кина да воведе нови ограничувања на извозот на ретки метали, оценувајќи дека земјата „станува сè понепријателска“.
Од Пекинг, пак, возвратија дека токму Вашингтон е виновен за ескалацијата на тензиите, поради проширувањето на американските трговски ограничувања врз кинески компании. Според кинеските власти, новите мерки се одговор на агресивните политики на САД, кои ги загрозиле интересите на Кина во секторот на критични минерали — материјали клучни за производството на електроника, автомобили и полупроводници.
Трамп најави дека ќе ги врати царините на кинеските производи на троцифрено ниво, што Пекинг го протолкува како провокација и најави „соодветен одговор“.
Трговската ескалација меѓу двете најголеми економии повторно ги потресе глобалните пазари и ги вознемири индустриите зависни од кинеските суровини, разгорувајќи стравувања од нов трговски судир налик на оној од пролетта, кога царините на обете страни достигнаа рекордни нивоа.
Воедно, обновените тензии го доведоа во прашање и планираниот состанок меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја кон крајот на месецот. Иако Трамп навести дека средбата би можела да се откаже, американскиот секретар за финансии Скот Бесент изјави за Fox News дека „сè уште очекува“ таа да се одржи.
Од кинеското Министерство за трговија денеска порачаа дека остануваат отворени за дијалог, но предупредија дека „САД не можат да бараат разговори додека се закануваат со нови мерки“.
Според аналитичарите во Пекинг, сегашната ситуација е директна последица на новите ограничувања на извозот што Вашингтон ги воведе кон крајот на септември, со што бројот на кинески компании под санкции се зголеми од околу 3.000 на неколку илјади повеќе.
„САД сега се преправаат дека се жртва, иако тие ја започнаа ескалацијата“, напиша професорот Џин Канронг од Универзитетот „Ренмин“ во Пекинг.
И професорот Ву Синбо од Универзитетот „Фудан“ во Шангај смета дека Вашингтон дејствувал со лоша намера, нагласувајќи дека токму по позитивниот телефонски разговор меѓу Си и Трамп во септември, САД за само десет дена ги прошириле ограничувањата:
„Ако по повеќе од половина година справување со Кина, САД сè уште не сфатиле дека таквите мерки имаат сериозни последици, тогаш тимот на Трамп е апсолутно некомпетентен“, рече Ву.
Со ова, трговскиот конфликт меѓу САД и Кина повторно се интензивира — во момент кога пазарите очекуваа стабилизација и враќање на довербата во глобалните економски односи.
 
			