Меџити: Наместо надвозник – пешачки премин со семафори кај Бит Пазар

7

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити, во емисија на ТВ21 ексклузивно го претстави својот план за решавање на долгогодишниот сообраќаен проблем во областа на Бит Пазар – пешачкиот надвозник.

„Сè уште не сум го промовирал јавно, но го кажувам ексклузивно тука“, рече Меџити, објаснувајќи дека е во постојана комуникација со Здружението на тезгаџии на Бит Пазар.

Тој оцени дека постојниот проект со мостот не ги постигнал очекуваните резултати, бидејќи граѓаните не го користат:

„Човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник, ниту подвозник. Дури и еснафите од Чаршија велат дека продавниците со неколку скалила не вредат колку оние што се на рамно ниво“, истакна Меџити.

Како што додаде, бил разгледан и предлог за лифтови и скали, но според трговците, тоа би било „расипничка инвестиција“, бидејќи ниту тие нема да го користат.

Меџити предложи целосно уривање на постоечкиот надвозник и изградба на официјален пешачки премин со семафори, кој би овозможил побезбедно и попрактично движење на граѓаните.

„За среќа, Општина Чаир не обезбедила ниту еден денар за изградба на тој мост. Тој е изграден во замена за рекламен простор со компанијата ‘Акцент Медиа’, па општината нема финансиска обврска. Затоа, најдоброто решение е да се сруши мостот и да се изгради официјален премин со семафори“, објасни Меџити.

Тој додаде дека целта е да се врати функционалноста на просторот кај Бит Пазар и да се најде трајно, практично решение што ќе ги задоволи и граѓаните и трговците.

Makedonski