ЕУ ја проширува програмата за фабрики за вештачка интелигенција — Македонија меѓу новите партнери

5

Европската комисија денеска ја најави новата фаза од програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (AI Factories Antennas – AIFA), со проширување во седум земји членки на Унијата и шест партнери, меѓу кои се Македонија и Србија.

На Инвестицискиот форум во Тирана, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја претстави иницијативата што, како што рече, ќе го забрза дигиталниот развој на Западниот Балкан:

„Ќе ги отвориме нашите фабрики за вештачка интелигенција за Западниот Балкан. Ќе започнеме со две антени – во Македонија и Србија. Со тоа воспоставуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион, што ќе им овозможи на компаниите во сите шест партнери да се поврзат со овие фабрики.“

Фон дер Лајен нагласи дека ова ќе овозможи компаниите од регионот да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција, односно до компјутерската моќ и ресурси на Унијата, со цел да се создаде „иднината на вештачката интелигенција во Европа“, во која Западниот Балкан ќе има важно место.

Покрај Македонија, во новиот бран на проширување влегуваат Белгија, Ирска, Кипар, Летонија, Малта, Словачка и Унгарија, како и Велика Британија, Исланд, Молдавија, Србија и Швајцарија.

Со ова, вкупниот број на фабрики за вештачка интелигенција во рамки на европската мрежа достигнува 19, распоредени во 16 земји членки на ЕУ.

Како што соопшти Европската комисија, мрежата на АИ фабрики ќе обезбеди:

  • безбеден далечински пристап до суперкомпјутери од светска класа,

  • поддршка на националните заедници за вештачка интелигенција,

  • поврзување на талентите, инфраструктурата и иновациите низ Европа.

Програмата е дел од Акцискиот план за Европа за вештачка интелигенција, кој има цел да ја засили индустриската и истражувачката соработка, да поддржи развој на напредни модели на вештачка интелигенција, како и да ја усклади примената на технологијата во јавниот и приватниот сектор.

Со вклучувањето на Македонија во оваа иницијатива, земјата ќе добие директен пристап до европските ресурси и експертиза во областа на вештачката интелигенција, што, според експертите, може да ја поттикне трансформацијата на ИКТ-секторот и економијата во целина.

Makedonski