Финскиот хор „Доминанте“ вечерва со концерт во Скопје — светска премиера на „Јовано Јованке“ од Дарија Андовска
Вечерва, со почеток во 20 часот, во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи концерт на прочуениот фински мешан хор „Доминанте“, под диригентската палка на маестро Сепо Мурто. Настанот е дел од турнејата со која хорот ја одбележува 50-годишнината од своето основање.
Публиката ќе има можност да ужива во разновидна програма од светскиот хорски репертоар, а вечерта ќе биде особено значајна поради светската премиера на композицијата „Јовано Јованке“ од македонската композиторка Дарија Андовска.
Концертот во Скопје следи по неколкудневните подготовки на хорот во Охрид, а пред настапот финските уметници ќе одржат и заедничка проба со мешаниот хор на Факултетот за музичка уметност „Драган Шуплевски“, под раководство на маестро проф. Сашо Татарчевски.
Основан во 1975 година при Универзитетот „Аалто“ во Хелсинки, хорот „Доминанте“ е еден од најреномираните фински хорови, познат по својот карактеристичен блескав звук и уметничка извонредност, со настапи на бројни меѓународни сцени и фестивали.