Македонската книжевност со уникатен ритам на Саемот на книгата во Франкфурт

3

Современата македонска книжевност и годинава ќе биде претставена на најголемиот светски собир на издавачите – 76. Саем на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи од 15 до 19 октомври. Настанот го организира Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), која оваа година настапува со креативниот концепт под мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“

На специјално дизајниран штанд со површина од 32 квадратни метри, Македонија повторно ќе се претстави во меѓународната четврта хала. Според МАИ, ова е петто по ред учество на земјата на франкфуртскиот саем.

– На саемот ќе бидат претставени околу 70 автори, застапени во двата каталога – за книжевност за возрасни и за деца. Првпат, во каталогот за деца се вклучени и околу 20 илустратори, чии дела ќе бидат изложени на штандот, заедно со преводите на англиски јазик подготвени за минатогодишното издание – соопштија од МАИ.

Современата македонска литература ќе ја промовира седумчлена делегација на МАИ, која ќе учествува на повеќе деловни средби и промотивни настани. Писателката за деца Билјана С. Црвенковска ќе биде дел од две официјални активности на програмата.

Традиционално, на 15 октомври, првиот и најпосетен ден на саемот, МАИ ќе организира коктел-забава за вмрежување под покровителство на винарницата „Камник“, со цел унапредување на соработката со сегашните и идните меѓународни партнери.

Makedonski