Франција доби нова влада – Себастијан Лекорну повторно премиер, следуваат економски предизвици и политички тензии

4

Два дена по повторното назначување на Себастијан Лекорну за премиер, Франција доби нова влада. Според списокот објавен од Елисејската палата, кабинетот брои 34 членови, меѓу кои има и неколку нови и помалку познати имиња.

На функциите остануваат:

  • Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи,

  • Ролан Лескир, министер за економија и финансии,

  • Рашида Дати, министеркa за култура,

  • Жералд Дарманин, министер за правда.

Лескир се смета за еден од најблиските сојузници на претседателот Емануел Макрон, кој и понатаму има големо влијание врз владиниот состав.

Во новите рокади, Катрин Вотрин, досегашна министерка за труд и здравство, го презема Министерството за одбрана, додека Лоран Нуњез, префектот на париската полиција, е назначен за нов министер за внатрешни работи, на местото на Бруно Рејто.

Жан-Пјер Фаранду, поранешен шеф на државната железница, е именуван за министер за труд, а Моник Барбу, екс-претседателка на францускиот WWF, ќе го води Министерството за животна средина.

Пред формирањето на владата, Лекорну имаше консултации со Макрон во Елисејската палата. Портпаролот на претседателот изјави дека нацрт-буџетот мора да биде поднесен до среда, за да се испочитуваат уставните рокови. Новиот премиер се соочува со огромен предизвик – намалување на високиот буџетски дефицит.

Политичките партии се поделени:

  • конзервативците бараат намалување на јавните трошоци,

  • левичарите бараат повисоки даноци за милијардерите и укинување на пензиската реформа на Макрон.

Лекорну не ја исклучи можноста повторно да поднесе оставка доколку парламентот не го усвои буџетот. Неговиот претходен кабинет опстана само 14 часа пред да падне, но во петокот тој беше повторно назначен од страна на Макрон – чекор што покажува дека претседателот има доверба дека овојпат ќе успее да обезбеди стабилност.

Makedonski