Косово денеска гласа: локални избори во 38 општини, Српска листа повторно во трка

9

На Косово денеска се одржуваат локални избори за градоначалници и членови на општинските совети во 38 општини. Изборниот процес симболично го отвори претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК), Крешник Радониќи, кој гласаше во Пеќ, јавуваат приштинските медиуми.

Избирачките места се отворени од 7 до 19 часот, а право на глас имаат 2.025.105 регистрирани гласачи, како и 43.993 гласачи од дијаспората кои ќе гласаат по пошта. На изборите учествуваат 206 кандидати за градоначалници, меѓу кои 20 жени, и 5.420 кандидати за општински совети.

Во спроведувањето на изборите се вклучени повеќе институции – полицијата, државното обвинителство, Судскиот совет, Независната медиумска комисија и Изборната комисија за жалби и претставки – со цел процесот да помине мирно и транспарентно, пренесува Reporteri.net.

ЦИК одобри учество на 32 политички партии, 2 коалиции, 32 граѓански иницијативи и 27 независни кандидати. На изборите учествуваат и 12 српски партии и иницијативи, меѓу кои најсилна е Српска листа, поддржана од официјален Белград.

Претставниците на Српска листа во кампањата ги оценија изборите како „судбински за Србите во Косово и Метохија“, повикувајќи на единство и масовна излезност. Целта, според нив, е „со пенкало да се сменат нелегитимните албански градоначалници“ и да се врати контролата над четирите северни општини со српско мнозинство, како и да се потврди влијанието во шест општини јужно од реката Ибар.

Ова е прво учество на Српска листа по бојкотот на изборите во 2023 година, кога албански градоначалници ја презедоа власта во српските општини со само 3,4% излезност.

Од утринските часови се забележуваат засилени контроли на преминот Јариње, каде Срби од централна Србија се упатиле кон Косово за да гласаат. Организиран автобуски превоз нема, поради безбедносни причини, а се вршат целосни проверки на границата.

Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, изјави дека на овие избори е подобрена техничката платформа за броење на гласови, а сите општински центри се опремени со нова опрема.

Makedonski